BLOGGER TEMPLATES AND TWITTER BACKGROUNDS »

петок, 24 септември 2010

"Жената како воено поле"

"Тие кои за жените секогаш зборуваат добро, не ги познаваат доволно.
Оние кои за жените постојано зборуваат лошо, не ги познаваат воопшто" – G. Pigault Lebrun

Возможно ли е да се возвиши жената, а притоа да не бидам наречена феминистка?
Постои ли начин да се говори за понежниот пол, а да се негира дека воопшто постои посилен?
Ќе бидам ли неправедна ако критикувам неправда?
За неправдата која дури и денес, во 21виот век, сеуште постои и целосно не е искоренета. Неправдата која што е стара колку и човештвото, присутна насекаде, некаде повеќе, некаде помалку, но без исклучок на сите континенти и не познава етнички, религиозни или расни бариери-нерамноправноста меѓу жената и мажот.

Се бара дефиниција за жена....
-Жената како мајка....Сестра ми стана мајка!!! И го промени сопствениот живот за животот на нејзиното дете. Се откажа од сето она без кое мислеше дека неможе. За прв пат ја видов толку среќна и прв пат ја слушнав како тажно плаче. Рече дека детето си го сака толку многу, што дури ја боли колку силно сака.
-Жената како пријател...Со текот на созревањето научив како да препознаам вистински пријатели. И истите ги држам до мене. Тоа се луѓето со кои славам кога сум среќна и со кои ја споделувам тагата.Во последно време не можам да се препознаам себеси во мојот однос со пријателите. Сакам да ги заштитам, да ги држам до себе, сакам да бидат среќни, сакам се да ми кажуваат, сакам да бидам дел од се што се случува во нивните животи. Од заинтересирана станав нападна! Почнав многу да прашувам, не престанав многу да кажувам! И кога некој ќе ме обвини за ова, мене ме боли, ме боли толку што се лутам и на себе и на него.
-Жената како жена...во себевложувањето со балансирање, премолчување, сакање, силно сакање, одбивање, предавање, прикривање, насочување...во одбегнувањето на тага, карање, ставање крај, прикривање чувства, правењето на избор...Во улогата да се биде жртва, во сценариото да се биде чувствителна, во само една сцена да се биде и пријател и домакинка и мајка и психијатар и кловн....Кловн...Да се смееш кога те боли што нема да чуеш фала и извини.
Така е да се биде жена... Жената е воено поле на кое најчесто се водат најтешките битки. Битките со себе, со блиските, со околината, со општеството...А сите битки болат! Всушност, боли да се биде жена!
Rose Woman Pictures, Images and Photos

недела, 3 јануари 2010

Тој е оној...

Животот секогаш носи изненадувања.
Некои убави, некои лоши, некои кои вредат цел живот, а некои за кои треба да изглумиш дека си се изненадил.
Кога имаш одреден број на години, сметаш дека кругот на пријатели е затворен и дека треба да научиш да живееш со оние кои до сега си ги стекнал.
Сметаш дека не е време допрва да допишуваш некој на твојот список на луѓе кои вредат, луѓе со кои и за кои живееш.
Станав затворена. Како злобно животно кое ја брани својата дружина.
...и животот пак ме изненади!
Се појави некој кој заслужи место на животниот список полн со луѓето кои толку години не ја надминаа точката одамна ставена.
Дојде оној кој го засакав многу брзо, личност чии проблеми не ме оставаат да спијам и оној кој плаче заедно со мене кога мене ми е тешко.
Сега имам уште еден на кој можам да се потпрам секогаш, личност со која се смеам и тагувам, оној со кој делам се.
Тоа е мој другар, вистински другар, оној кој гласа за моите фаворити, а веднаш ги замразува моите непријатели.
Тој живее онаму каде што секогаш сум добредојдена, таму секогаш има некој кој ме чека со кафе и со прашањето Како си? ....а знае дека таму секогаш сум добро.
Тој знае кога нешто ме мачи и знае кога не е време да ме прашува.
Тој е оној кој кажува се со само еден поглед.
Тој е оној кој додека раскажува болна животна приказна користи хумор, за да не не повреди и нас.
Тој е оној кој се издава себеси, за да не не предаде нас.
Тој е оној на кој му ги доверувам моите тајни, оној крај кого знам дека се сигурни моите сакани.
Тој е оној што гушка со силата на целиот свет, а неговите зборови ме тераат да заборавам се што ме мачи.
Тој е оној кој би се повредил себеси за да не не повреди нас.
Тој е оној кој не знае да каже НЕ.
Тој е оној кој ќе ме праша како може да ми помогне, не знаејќи дека со тоа веќе многу помогнал.
Тој е оној кој ќе ми се јави баш тогаш кога најмногу ми треба способен да дојде одма.
Тој е оној кој ги сака моите постови на блогов-само затоа што се мои.
Тој е моето изненадување, изненадување кое им го посакувам на сите кои ќе го заслужат.
***За Илија

четврток, 26 ноември 2009

Cut there....thank you


Македонија е како филм. Сите ние играме по сценарио. Живееме живот како што претпоставениот мисли дека е најдобро и веруваме во неговите визии. Кога навремено ни исплаќаат хонорар и кога добиваме пофалби, се маваме во гради дека сме горди македонци и дека ја сакаме својата улога. Кога било што ќе тргне наопаку истата ја напуштаме. Од 19 декември ќе се преполовиме. Оние кои не знаат да глумат ќе одат во друга продукција. За светот ние сме второ продолжение од некој филм, сите очекуваат многу повеќе. Ние сме глумци на сопствените желби и очекувања. Кога нешто ќе излезе од контрола, не се жалиме многу, туку ги менуваме желбите. Се правиме дека го сакаме она што го добиваме и дека се сакаме себеси. Кога никој друг не не сака, мораме така да играме. Нашиот филм наликува на реално-шоу, постојано сме опкружени со камери и секоја наша грешка е забележана и критикувана. Ние сите сме учесници во Големиот брат на тој начин што од нас се очекува и да се продадеме со порнографија, по цена да добиеме на гледаност....и учесници во Опстанок бидејки постојано се тестира нашата издржливост. Нашиот филм Македонија наликува на сапуница од мнооогу епизоди. Ние играме како моќните ни свират. За проблемите и за критиките си шепкаме мегу нас, ние глумците, доколку му се пожалиме на режисерот, ќе ја изгубиме работата.
И по толку многу години, ние македонците, сеуште снимаме. И ќе снимаме се додека никој не не разбуди во некој друг свет, кога овој траги-комичен филм ќе заврши. Но ние гласавме за снимањето на филмов, и бираме режисери. Снимаме од 1991 кога ја добивме улогата на самостојна држава. Филмот ќе заврши кога навистина ќе успееме тоа да станеме. Кога некој ќе рече : Cut there....thank you....

четврток, 2 јули 2009

Политиката во Македонија

1. Во Македонија постојат (само две) политички партии. Ако си за владеачката автоматски си крив за сите лоши закони и норми кои (не) се почитуваат кај нас. Тогаш милион пати ќе го проголташ моментот кога си го заокружил бројот на гласачкото ливче. Ти си крив дека не сме во ЕУ и НАТО, за сите дупки на улиците, за невработеноста, за инфлацијата, за мито и корупција.... Ако пак, си за опозицијата тогаш дефинитивно си етикетизиран како губитник, како личност чие право на глас не вреди ништо. Луѓето ќе ги карактеризираат сите твои дејствувања како неправилни или залудни, а се што навистина ќе постигнеш кога ќе се избориш за некое твое право, ќе те направи безделничар и секако, ти ќе играш по старото добро правило "кој губи има право да се лути". Во реалност, ти останува да бидеш политички неопределен, што со сигурност е најлошата варијанта која можеш да ја одбереш.

2. Ако во Македонија сакаш да бидеш новинар, особено политички, можеш слободно да си ги опуштиш мислите бидејќи во тој случај некој друг ќе мисли за тебе. Во Македонија неможеш да пишуваш тоа што ти сакаш да напишеш, неможеш на јавноста да и пласираш некоја политичка "прљава" игра затоа што така сите ќе те наречат "платен новинар" или новинар кој од партијата во која припаѓа е платен за да напише нешто. Реално, како новинар во оваа земја можеш да напишеш се, само некој тогаш ќе одлучи дали тоа што си го напишал ќе биде твојот последен прилог.

3. Своето мислење за некоја политичка тема, тука во Македонија, ти е најпаметно да го задржиш за себе. Можеби чудно и неправедно, но во реалноста е навистина така. Ако мислиш дека некоја кампања на Владата е во ред, верувај дека кога опозицијата ќе дојде на власт, тешко ќе си најдеш работа. Ако кажеш само еден збор против Владата, моменталното работно место ќе ти виси на конец.....Ако сакаме да донесеме заклучок, во Македонија политиката е најопасниот криминал кој постои. А покрај фактот што политиката ни стана секојдневие, сите ние сме криминалци во одредено време...Зависи која партија е на власт.

сабота, 20 јуни 2009

Дебата?!

Општо познато е дека луѓе кои сакаат да се направат паметни испаѓаат уште поглупави од што навистина се (ако тоа е возможно на некој начин). Во денешно време не е срамота да си глупав, срамота е тоа упорно да го покажуваш во јавноста! Нов тренд по скоро сите медиуми(телевизии поточно) се дебатите или некоја форма на дијалог слична на нив. И тука има секакви ликови: интелектуалци, политичари, студенти, идиоти, неписмени, партиски заковани или неопределени........ Бранејќи ги (по правило)своите мисли и ставови ги оставаат гледачите со подотворена уста (од фрапираност или разочарување). Има секакви. Најмногу ме вадат од такт оние кои реченицата која започнува со "Јас мислам..." ја читаат од претходно подготвени материјали, под претпоставка дека или не се способни да размислуваат, или пак, мораат да мислат она што надредениот сака да го мислат?! Ама па што ќе го насмее народот во овие тешки времиња ако нема луѓе без речник на зборење "изгубени во свемирот" како на пример Амди Бајрам со своите "Ти си пола човек-пола ништо, јас сум Coca Cola за тебе" и сл. Од ваква личност на која му е чудно дека новинарите работат за пари, до тотална спротивност како Владимир Ѓорчев, за кој мислевме дека е еден од поинтелегентните млади луѓе кај нас....и тој разочара во дебата!!! Факт: млади анонимуси повеќе се снаоѓаат во дебата, отколку оние од кои тоа се очекува како дел од нивната работа за која зимаат пари. Дебата не е ниту предизборна кампања ниту земање на интервју, а како таква најчесто се пласира! ЗА ЖАЛ! Дебатер може да биде само личност со изграден став за одредена тема, воедно личност која има речник на изразување и неколку прочитани книги. Се останато нека се сведе на кафански муабет, затоа што е срамота да се презентираат дебати какви што во моментов гледаме. Секоја чест на исклучоците!!!!

сабота, 13 јуни 2009

Контрадикторност


Мразам разделби....и секогаш кога за момент ќе си помислам дека се ми е средено во животот, некој си оди од него. Едни на студирање во странство, сестра ми се мажи, со некој ќе се налутиме за глупости,едноставно престануваме да се сакаме, луѓето се селат, менуваат населби, градови и држави, некои пак, остануваат физички близу, но предалеку се за да ги дофатиш. И секогаш во таквите моменти се чувствувам сама, предадена од некој за кој сум мислела дека ми е близок.Многу често и јас сум таа што си оди. Во таквите моменти седнувам да размислам дали сум згрешила некаде и потонувам во мислите, илустрирани, како во некоја шпанска серија, па за момент се чувствувам попаметно, позрело, повозрасно, но ни тоа не ме тргнува од грижите.
Мразам нерасчистени работи....ама пак некои работи едноставно сакаш да ги задржиш за себе, премолчувам работи за да не повредам некого, знам кога некој ме лаже, ама знам дека другата страна на работите нема да ми се допадне, па не ни барам објаснување. Со дечкото избегнувам да се карам, кога нешто ќе ме повреди им се жалам на другарките, а со него зборувам кога имам проблеми со нив. А мислев дека сум искрена?! Не сум. Се плашам од расправии, па бегам од нив како ѓавол од темјан.
Мразам политика....а сакам да бидам политички новинар.Не сакам нечесни игри, а сакам да дејствувам во нивниот центар. Се правам паметна, јас ќе ја средам ситуацијата. Ха ха ха.
Мразам лицемери...останаа малку кои не се такви. Сите ти се прават пријатели...за пијанки или оговарање, а тоа можеш да го правиш и со непријател. Кога знаеш дека имаш на кого да се потпреш, пак не си сигурен. Сакаш да одбереш страна, вистински правец, а не ни знаеш дали постои таков.
Сите мразиме пороци...а секојдневно живееме со нив.
Бегаме од лаги....а лажеме за да спасиме глава.
Се правиме возрасни...а се однесуваме како деца.
Несакаме да работиме....ама сакаме пари.
Мразиме славни личности....а сакаме слава.
Се оговараме меѓусебно...а на само сме многу блиски.
Нели е животот премногу контрадикторен?

понеделник, 16 март 2009

Избори 2009...ама нема избор


Избори 2009....Треба да избереме градоначалници и претседател на РМ. А кандидатите"кој од кој"-експерти за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Градоначалниците анонимуси или надуени од партијата, кампањите повеќе за тоа што не направил другиот отколку што ќе направам јас....Не иде вака!!!!
*Максимално сум изреволтирана од кампањата на професорот Ѓорѓе Иванов(за кој најискрено планираВ да гласам). Користењето на сопствени студенти во платени политички програми ( по 1000 денари од студент), сметам дека е еднаква злоупотреба на функција како и примањето на мито и корупција, само што парите идат во обратен смер.
*Неговиот колега, исто така професор на Правен факултет, само претставник на опозицијата Љубомир Фрчковски, ептен ја забега работава. Каде беше кога постоеше кампањата ГОВОРЕТЕ МАКЕДОНСКИ? Србизми, бугаризми, вулгарности, закани....никогаш не биле а и нема да бидат достојни за еден кандидат за претседател на РМ. Претпоставувам дека ако (Не дај Боже), победи ќе отиде на преговори во Брисел, и ќе рече : Ајде бе не бидете педери, да му ебам мајката, примете не во Нато, кој ги ебе Грциве,ќе ги скичмиме ние, признајте не по нашето име или додајте некоја мочана кратенка...шо знам?
*Љубе Бошковски, искрено, најмногу ме изненади со кандидатурата. На негово место би си седела дома, да одморам малце а и секако би помогнала во процесот за ослободување на Јохан од Хаг, кој заглави таму затоа што слушаше нечии наредби (погодете чии ?!). Независен кандидат или претставник на ВМРО, во малку скриена форма, сеедно. Господине Бошковски, зарем не вкусивте доволно од македонската политика?
*Многу интересен кандидат-Нано Ружин. Иако повеќе ја гледам жена му на телевизија отколку него самиот, ми изгледа на многу приземјено човече, досега без политички гафови, грешки или катастрофи. Само некако ми штрчи партијава позади него ЛДП. Некако многу ми дојде. Да се пријавеше како независен кандидат-јас ќе бев прва што ќе гласав за него....Не знам што се случило навистина со собирањето на потписите и дали навистина имало некое помагање од страна на Иванов, но сметам дека човекот заслужува шанса. Сам... без ЛДП.

*Паметна, образована и што е вредно за поздрав, одличен говорник на македонскиот јазик, единствената кандидатКА за претседател на РМ-Мируше Хоџа. Или пак, Имер Селмани кој вели дека ќе се бори за Македонија и за Македонците, а при тоа кампањата ја има и ја рекламира и на албански и на македонски јазик. За овие двајца кандидати немам забелешка...само јас сум преголем патриот.Никогаш не би гласала за НЕМакедонец да биде претседател на Македонија. За Агрон Буџаку немам никакви информации само затоа што не ме ни интересираат.....

******Но и покрај бедниот избор морам да напоменам дека најлоша опција е да не се излезе на гласање. На тоа сите ние имаме право кое треба и мора да го искористиме!!!!
Само се надевам дека овој пат тоа навистина ќе биде ЗА ДОБРОТО НА МАКЕДОНИЈА.